Нашиот народ два пати го празнува споменот на Св. Атанасиј Велики. На 31 јануари се празнува празникот Св. Атанасиј или Танасовден зимски, а на 15-ти мај Св Атанасиј Велики или Танасовден летен.

Св. Атанасиј наречен Велики е роден во Александрија во 296 година. Едно време минал во пустина заедно со Св. Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква. Учествувал на Првиот Вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против Ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени Ариевците. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на ариевците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење Св. Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети. Само една година по Никејскиот собир бил поставен за архиепископ во Александрија и тука на архиепископскиот стол останал 46 години. По поразот на Никејскиот собир ариевците се обиделе да се вратат во црквите и често го клеветеле Св. Атанасиј кај царот поради што тој четири пати бил протеруван во прогонство и во прогонство минал цели дваесет години. Умрел на 15 мај 373 година.

 

Јасминка Т. Момироска