Нашиот народ два пати го празнува споменот на Св. Атанасиј Велики. На 31 јануари се празнува празникот Св. Атанасиј или Танасовден зимен, а на 15 мај Св Атанасиј Велики или Танасовден летен.

Св. Атанасиј наречен Велики е роден во Александрија во 296 година. Едно време минал во пустина заедно со Св. Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква. Учествувал на Првиот Вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против Ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени Ариевците. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на ариевците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење Св. Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети. Само една година по Никејскиот собир бил поставен за архиепископ во Александрија и тука на архиепископскиот стол останал 46 години. По поразот на Никејскиот собир ариевците се обиделе да се вратат во црквите и често го клеветеле Св. Атанасиј кај царот поради што тој четири пати бил протеруван во прогонство и во прогонство минал цели дваесет години. Умрел на 15 мај 373 година.

Народот го смета празникот Св. Атанасиј зимен за средзимо па се смета дека главните студови веке се поминати. Затоа во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на светците. Во Охрид се сметало дека Св. Танасија е “среде зима коложега” како што на Е. Спространов раскажувачката што му раскажувала за празниците му кажала и една лазарска песна за цвекињата што никнуваат во овој период од годината.

Качуница забл’зваше
-Блазе тебе трендафиле
што си имаш арна мајка
те променвит, те наружвит
та те пуш’чат стреде лето
стреде лето црвеника
да те берет јунаците,
јунаците и невести
да те носат под фесои,
невестите под врз’л’т
девојките на чалмите.
Јас си имам зло машлчеа
та ме пуш’чат стреде зим’,
стресе зим’ коложега,
да ме берат дрварите
да ме носат по децата
да ме тркалет по пелишчата

Св. Атанасиј е домашен празник на многу семејства, но и на цели села. М. Цепенков забележал дека во Прилеп Св. Атанасија  го служел ковачкиот еснаф. Во Радовиш Св. Атанас се сметал за овчарски празник. Многу го почитувале куќите кои што имале овци и на тој ден не работеле за да не им ги изедат овците волци. И овде овој празник го сметале за “средзимо” и овчарите што знаеле да го прогнозираат времето гледале какво ќе биде тоа од празникот натаму. Овде е позната пословицата: “Атанас фрли кожи ја врз нас ја врз рас”, што значи дека од времето зависи дали луѓето ќе ја симнат зимската облека. Сепак се верува дека времето оди на лето и дека поминале зимата и големите студови карактеристични за јануари.

Јасминка Т. Момироска