Извршени се претреси кај 11 лица, во вкупно 11 објекти лоцирани на подрачје на Скопје, а лишени од слобода се девет лица, од кои еден е вработен како полициски службеник, по две лица се трага, додека две лица-членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор во КПУ Скопје и КПУ Идризово, за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“.
Ова е исходот од спроведената координирана полициска операција за сузбивање на организирана криминална група инволвирана во вршење на кривични дела криумчарење мигранти.
Акцијата, како што денеска доопштија од МВР е спроведена од страна на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, при Сектор за криминалистички истраги, Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, СВР Скопје, под раководство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Криминалистичката истрага над организираната 13-члена криминална група, која делувала на тeриторија на Република Северна Македонија, се спроведуваше од мај 2022 година до октомври 2022 година. Извршени се претреси кај 11 лица, во вкупно 11 објекти лоцирани на подрачје на Скопје, а лишени од слобода се девет лица (од кои еден е вработен како полициски службеник), по две лица се трага, додека две лица-членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор во КПУ Скопје и КПУ Идризово, за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“. При извршените претреси пронајдени и одземени се: мобилни телефонски апарати, СИМ картички, патнички моторни возила, пари, оружје (пиштол, пушка), уплатници од извршени уплати преку брз трансфер на пари итн, се појаснува во соопштението од МВР.
Станува збор за организирана криминална група, со строга хиерархиска поставеност, која имала за цел стекнување на противправна имотна и материјална корист, предводена од лицето А.Б. (29) од Скопје.
Од МВР информираат дека тој заедно со три лица организатори К.Н., А.Н. и Ќ.Н., со потекло од Блискиот Исток, а кои повремено престојувале на територија на Република Северна Македонија (во Кумановско-липковскиот регион), Р.Грција (Солун) и Р.Србија, организирале криумчарење на мигранти по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија и други земји од Блискиот и Далечниот исток.
Мигрантите биле илегално префрлани на територијата на Р.С.Македонија од Р.Грција, преку илегални премини на т.н.„зелена граница“ во околината на Гевгелија и Демир Капија, од каде потоа со помош на водичи т.н.„качаци“, координирано се доведувале на претходно утврдени и договорени локации. Од овие локации по насоки на организаторот на организираната криминална група А.Б., членовите Е.Б., Р.Р., Х. И., М. И., Б.Х., Б.Ш., А.М. , А.Ф., ги преземале мигрантите, по што со патнички и товарни моторни возила ги превезувале до претходно договорените локации во Кумановско-липковскиот регион, за потоа да бидат натаму криумчарени преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ, се наведува во соопштението.
На ист начин криумчареле мигранти на територијата на Р.С.Македонија кои биле пренесувани од територијата на Р.Србија, преку илегални премини на т.н.„зелена граница“ во околината на кумановско-липковскиот регион кон подрачјето на Гевгелија, а биле по потекло од Индија, кои претходно веќе пристигнале и одреден временски период престојувале на територијата на Р.Србија.
На организаторот на криминалната група А.Б., се подвлекува, за криумчарење на мигрантите преку територијата на Р.С.Македонија му биле исплаќани пари преку брз трансфер на пари „RIA“ и „WESTERN UNION“ како и „на рака“, а цената на транспорт по лице изнесувала од 600 до 800 евра.
ОСОСК до ОЈО за ГОКК, соопштија од МВР, поднесе кривична пријава против 13 лица и тоа против: А. Б. (29) за сторени кривични дела „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 1, како и „криумчарење на мигранти“ предвидени и казниви по член 418-б став 4 вв став 2 од КЗ на Р.С.Македонија, Е.Б. (25), Б.Х. (26), Б.Ш. (24), А.Ф. (20) и Б.А. (29) за сторени кривични дела: „организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2, како и „криумчарење на мигранти“ предвидени и казниви по член 418-б став 2 од КЗ на Р.С.Македонија, Р.Р. (18), Х.И. (18), М.И. (30), В.Ф. (39) за сторени кривични дела „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2 како и “Криумчарење на мигранти“ предвидени и казниви по член 418-б став 4 вв став 2 од КЗ на Р.С.Македонија, А.М. (31) и И. С. (31) за сторени кривични дела: „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2, од КЗ на Р.С.Македонија, В.А. (25) за сторени кривични дела: „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2, вв со член 24 „Помагање“ од КЗ на Р.С.Македонија.
OhridNews