Идејата за „ново видување“ на „новото видување“ односно римејк потекна од членовите на драмското студио, гимназијалците Марко Танески, Димитар Зафироски и Ангел Секулоски кои ги имаат улогите на Јеротије, Виќа и Милисав. Марко и Димитар многу се потрудиле и успеале да личат на Горанчо и Чики („првите“ Јеротије и Виќа). И останатите „карактери“ придонесоа претставата да не „запре“ во ниеден момент, а бројната публика да се смее нон-стоп.
Координаторот на Драмското студио, охридската актерка Марија Новак, вели дека оваа претстава треба да „малку и да шета“ низ Македонија што би значело афирмација на драмското студио при Центарот за култура. „Овие денешниве деца не се како нас на времето. Многу се своеглави и упорни, па иако им велев да не го подготвуваат баш овој текст, сепак одеа по свое, а мене не ми преостана друго освен да им помогнам колку што можам, да го совладаат што подобро“ – вели Новак.
Само напред дечки!