40 -годишниот пожарникар од село Велгошти, охридско, кој тешко повреди колега во службата во Охрид, освен 30-дневен притвор кој му го изрече судот, доби и суспензија од работа на неодредено време. Од локалната самоуправа, под чија надлежност е Територијалната противпожарна единица, велат дека внимателно ја следат разврската на случајот и постапуваат според законот.

Во однос на инцидентот во Територијалната противпожарна служба Охрид, во кој потешко е повреден еден пожарникар, Локалната самоуправа постапувајќи според законските прописи, донесе решение со кое работниот однос на притворениот е ставен во мирување.

Општина Охрид

Зошто до сега не биле преземени мерки против насилниот пожарникар против кого колегите поднеле десетина претставки до претпоставените изминатите неколку години, во кои тој предизвикал повеќе инциденти, надлежните се уште без одговор.

Осомничениот пожарникар на 9 јануари во просториите на службата со тврд предмет му нанел тешки повреди на главата на 54 годишен колега кој заврши на клиниката за неврохиругија во Скопје каде е опериран. Истиот ден тој нападнал уште еден колега кој минал со полесни повреди. Против него се поднесени две кривични пријави за нанесување тешка телесна повреда и насилство.

OhridNews