Екипата на Работнички уште еднаш го потврди статусот и приматот за клуб со најдобра работа во младинските категории, продавајќи го Лука Станковски во Италија. Нов клуб на младинскиот репрезентативец ќе биде тимот на Монца, кои го водат Силвио Берлускони и Андријано Галијани.

Горди сме што може да објавиме дека еден од најталентираните македонски фудбалери Лука Станковски од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот клуб Монца. Двата клуба ги договорија деталите за трансферот што треба да се реализира во летниот преоден рок. Можам да кажам дека имаше многу понуди за Лука Станковски, но донесовме заедничка одлука со фудбалерот и со неговите родители, Монца да биде идниот клуб, каде ќе продолжи да се развива и да се надградува. Среќни сме што Работнички успешно ја продолжува стратегијата за реализација на трансфери на млади и талентирани фудбалери во странство и горди што во еден исклучително тежок период на глобална пандемија на коронавирусот, Работнички оствари два трансфери, Давид Тошевски во Ростов и Лука Станковски во Монца. – изјави претседателот на Работнички, Драган Поповски.

Станковски до крајот на сезоната ќе го носи дресот на Работнички, а потоа ќе биде промовиран во редовите на Монца. Тој во првиот дел од сезоната постигна седум гола и беше четврти стрелец во првенството на Македонија.

OhridNews