Супермен и Бетмен, двата убедливо најголеми стрип херои, ќе ги здружат силите против силите на злото во нов филм, најавил Зак Снајдер, режисерот на овогодинешниот блокбастер „Човек од челик“. Улогата на супермен би требало да ја репризира британецот Хенри Кавил, ѕвездата на најновото продолжение на популарната франшиза, дидека сеуште не е познато кој ќе го игра Бетмен, бидејќи Кристијан Бејл дефинитивно се откажал од оваа улога после минатогодинешниот филм „Мрачниот витез“. Здружувањето на двајцата суперхерои би можело да се протолкува како обид на студиото Варнер Брос да ја повтори рекордната заработка со мегахитот “Осветници“ од 2012 година.

Снајдер изјавил дека да ги имате заедно Супермен и Бетмен, двајцата најголеми суперхерои во светот, е нешто поголемо од митологија. Снимањето на филмот би требало да започне следната година, а во кината би требало да се појави кон средината на 2015 година. Филмот „Човек од челик“ остварил огромен успег на благајните, заработувајќи повеќе од 600 милиони долари за само еден месец прикажување. „The Dark Knight Rises“ минатата година заработил повеќе од една милијарда долари, додека „Осветници“ инкасирал рекордни 1,5 милијарди долари.