Ракометарите на Охрид забележаа значајна победа во битката за плеј-оф. Во 8 коло од Супер лигата, вечерва во салата „Билјанини извори“ ГРК Охрид – РК Бутел Скопје 25:23 (12:08).
Со оваа победа Охрид се израмни по број на бодови со Бутел во А групата. Двата тима имаат по 15, но Охрид го прескокна Бутел на 3то место на табелата, бидејќи има подобар меѓусебен скор. Бутел во Скопје славеше 24:23.
Бутел водеше само на почетокот на мечот, 0:1 и 1:2. Охрид со серија од 3:0 го презеде водството, кое на средина од првото полувреме го удвои 7:3. До крајот на првиот дел Охрид ја задржа осетната предност за водство од 12:08.
Во вториот дел Охрид тргна фуриозно и поведе со 16:10, па 17:11. По тајмаутот гостите направија серија од 3:0, на што Охрид возврати со 4:0. Кога мислеа дека се е готово „гладијаторите“ подзастанаа. Бутел почна да ја топи предноста на Охрид, но немаше сили за повеќе од достоен пораз.
Охрид до победата го предводеше бековскиот тандем Озтурк (7) – Ончев (6) кои заедно искомбинираа 13 гола. Цејовиќ, Шешиќ и Бојаниќ постигнаа по 3, Рустрамов 2, а Даниел Андоновски 1. Извонреден на голот на Охрид и вечерва беше Цинцадзе.
Кај Бутел најефикасен беше Филип Николов со 7 гола.
Во следното коло, идниот викенд, Охрид му гостува на Прилеп.
Лидер на табелата во А групата е Вардар, следат Алкалоид, Охрид и Бутел.
Злато вредна победа на Охрид за искачување на 3 место на табелата
Г.Момироски
Фото: А. Момироска
Видео: К. Симиџиоски