Претставниците на македонскиот ракомет во Лигата на Шампиони и регионалната СЕХА лига, Вардар и Еурофарм Пелистер добија амин од суперлигашките клубови и сезоната ќе ја започнат со директно учество во плејофот, идентично како години наназад.

Идејата на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) со поделување на Супер лигата останува. Двете групи ќе бројат по седум екипи. Најдобрите три екипи на табелата од двете групи заедно со Вардар и Пелистер ќе играат во плејофот додека преостанатите се селат во плејаут. Во плејофот и плејаутот сите екипи почнуваат со нула бодови. Сигурен опстанок обезбедува само првиот на табелата во плејаут, вториот игра бараж а другите отпаѓаат.

Планот за сезоната 2021/22 на РФМ е следниот. Супер лигата да брои десет екипи, заедно со Вардар и Пелистер. Првите шест на табелата да играат плејоф, додека од седмата до десеттата позиција да разигруваат за опстанок. За разлика од сезоната 2020/21, екипите по редоследот на табелата ќе пренесуваат одреден број на бодови.

Сите овие предлози ќе бидат ставени пред Управниот одбор, кој ќе има уште неколку дилеми да разреши од тековната сезона која се прекина и нема да се доигра.

OhridNews