Победничката серија на Работнички продолжи и во мечевите од Супер лигата, откако во првата рунда со 85-55 (21-13, 22-17, 20-19, 22-6) го совладаа тимот на АВ Охрид.

„Црвено белите“ трет пат лесно и убедливо го победуваат охридскиот состав сезонава. Работнички два пати славеше во Првата лига, а триумфираше и на отворањето на натпреварите од Супер лигата.

Охриѓани добро го отворија мечот и поведоа прво со 6-0, а потоа со 8-4. Гостите одговорија со серија од 17-0 за водство 21-8. „Галебите“ со 5-0 во финишо стигнаа до негатива од осум поени (21-13). Во вториот квартал „црвено белите“ одржуваа резултатски баланс, а во финишо со нова поентерска серија стигнаа до 43-30 на полувремето.

Домашните кошаркари најдоброто од себе го пружија во третиот период. Негативата дојде и до осум поени, но избраниците на Марин Докузовски не дозволија губење на предноста и со 20-19 ја добија третата четвртина. Подолгата и поквалитетната клупа дојде до израз во решавачкиот четврти период. Работнички со поени ги казнуваше сите грешки на охриѓани за убедлва победа 85-55.

Најефикасен во тимот на Работнички беше Маркус Гињард со 21 поен и 7 скокови, а во екипата на АВ Охрид со најголем број на вкупни поени (19) заврши Рос Кенет.

Во следната втората рунда Работнички ќе се сретне со Гостивар, додека АВ Охрид гостува во Куманово.

OhridNews