Серијата без пораз на охридските ракометари на домашен терен заврши, откако скопски Пролет со 23-25 (15-13) славеше во СРЦ „Билјанини Извори“ во дерби средбата од 10-та рунда во Супер лигата.

„Зелено белите“ со триумфот во Охрид комплетираа „дупла“ победа над „гладијаторите“, бидејќи славеа и на првиот меч кој означи старт на сезоната.

Првото полувреме помина во знакот на охриѓани, кои, и покрај отсуството на Дарко Георгиевски и Славиша Димитријески одиграа храбро и со срце. Гостите од Скопје имаа само еднаш водство (9-8), а Охрид на одмор замина со плус два (15-13).

На стартот од вториот дел Пролет со серија од 4-1 го презеде водството (17-16) и почна да го контролира водството. Во 45 минута по низа грешки на Охрид, гостите постигнаа лесни голови и стигнаа до највисока предност (21-18).

Охридските ракометари смогнаа сили и дојдоа до егал 22-22, а успеаја и да поведат 23-22. Пролет со серија од 3-0 во финишот го скшрија отпорот на охриѓани кои мечот го одиграа со седум ракометари.

„Гладијаторите“ и покрај поразот се уште се наоѓаат во позиција да играат во плејофот. Во следната рунда охриѓани гостуваат во Скопје, а силите ќе ги одмерат со Бутел.

РК Охрид: Брауновиќ (10 одбрани), Јовановски, Трајкоски, К. Андоноски 7, Иваноски, Блажески 2, Костов, Димитриевски, Соколов 3, Д. Андоноски, Тасески 4, Симоноски, Петровиќ 2, Везенковски 5.

РК Пролет: Кристо, Коруновски (2 одбрани), Кимевски (5 одбрани), Ф. Василевски 5, Аларов, Јовчевски , Давитковски, А. Василевски, Николоски, Трајкоски 1, Андоновски 3, Џонов 4, Мајнов 4, Дамчевски, Стојановски, Манасков 8

Мх.П.
Фото: Емил Јовановиќ