По ЕХФ неделата, ракометарите на Охрид ја продолжија победничката низа.
Вечерва во салата „Билјанини извори“ ГРК Охрид – РК Вардар Неготино 28:25, полувреме 15:12.
Охрид имаше контрола во текот на целиот меч. По воведните 3:3, Охрид се одлепи на +2, а на средина на првото полувреме имаше 8:5. Вардар Н. возврати со серија од 2:0, на што „гладијаторите“ возвратија со 3:0 за 11:7. До крајот на првиот дел гостите го намалија водството на Охрид кој на полувреме замина со +3 – 15:12.
Во вториот дел иста слика. Охрид го одржуваше водството кое на средината од полувремето се искачи на +5 – 22:17. Охриѓани до крајот со рутинска игра го задржаа водството и забележаа нова победа со која се поблиску до целта – настап во плејофот.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Тоше Ончев со 9 голови, Даниел Андоновски и Дејан Шешиќ постигнаа по 7. Кај Вардар Н. Ѓорѓи Ташев постигна 6 гола.
Во следното, 8 коло, идниот викенд, Охрид на домашен терен го пречекува Бутел.
Г.М.
Фото: Емил Јовановиќ