Ракометарите на Преспа од Ресен со 21-15 (10-5) го совладаа Охрид во десеттата рунда од Супер лигата. За охридските ракометари ова четврти пораз во серија, петти на гостински терен сезонава.


Од почетокот на мечот кога домашните ракометари стекнаа прва опиплива предност, па до финишот, избраниците на тренерот Горан Андоновски во ниту еден момент не ја загрозија и сосема заслужено салата во Ресен ја напуштија со наведнати глави.


На „гладијаторите“ не им помогна ни ветарот во грб, кој доаѓаше од трибините каде организирано допатуваа „Рибарите“.


За екипата на Преспа ова е втора победа сезонава со кој му се реваншираше на Охрид за поразот од првиот натпревар сезонава. Охридските сини остануваат на десетте бодови освоени на домашен терен и веќе четири натпревари не знаат за позитивен резултат.

Во 11-та рунда од Супер лигата на домашен терен ракометарите на Охрид ќе се сретнат со тимот на Пелистер од Битола.

Мх.П.