ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер одиграа неизвесен, возбудлив и интересен натпревар, во кој на крајот се радуваа гостинските ракометари. Во одлична спортска атмосфера во исполнетата сала „Билјанини извори“ во дерби мечот од 18 коло во Супер лигата славеше Е. Пелистер со 25:27, полувреме 13:16.

Мечот почна израмнето со погодоци на двете страни. По 8 минути игра на семафорот стоеше 4:4. Веднаш потоа се случи еден од клучните моменти на мечот. Гал Цирар при изведување пенал ненамерно го погоди во глава противничкиот голман за што заработи исклучување и директен црвен картон.

Битолчани веднаш го искористија тоа и со серија од 3:0 резултатски се одлепија. Охрид бркаше, а Пелистер казнуваше. Во 19 минута Пелистер стигна до +4 (7:11), но Охрид не се предаде. „Гладијаторите“ покажаа искучителна борбеност и желба и во 26 минута се доближија на 1 гол до противникот (12:13). Во финишот пелистерци беа поприсебни, ги искористиоја сите свои шанси и на полувреме заминаа со 13:16.

Второто полувреме донесе дополнителна доза неизвесност. Се водеше беспоштедна битка на двете страни, во која домаќините на неколку наврати жестоко реагираа на одредени судиски одлуки.

Охрид бодрен од верните „Рибари“ и илјадната публика постојано бркаше негатива, но Пелистер кој зад себе ги имаше „Чкембари“ успеа да одолее на сите искушенија и на крај да слави 25:27.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Орјоникидзе со 6 гола, додека Хосни на спротивната страна постигна 7.

Статистика ГРК Охрид: Чаневски, Ојлески 1, Матцуока 2, Јукиќ 4, Ристевски, Тасески 4, Шафранко 2, Јотиќ 2, Кукоски, Крстевски, Пешиќ, Кукуловски, Орјоникидѕе 6, Винисиус 3, Цирар 1, Ѓорѓески.

Статистика Е. Пелистер: Митревски 1, Ристевски 1, Кузманоски, Домен 5, Борзаш, Ивиќ, Радивојевиќ 4, Кузмановски 5, Костески, Хосни 7, Абутовиќ, Петар Атанасијевиќ 1, Пешевски 3, Хаџиќ, Павле Атанасиевиќ, Шхабиб.

Со оваа победа актуелниот шампион го задржа чекорот со лидерот Алкалоид, а Охрид останува на 4 позиција, од каде најверојатно ќе влезе во доигрувањето за титулата и местата кои водат во ракометна Европа.

Г.М.
Фото: А. Момироска