Дербито од 10 коло од ракометниот плеј-оф помеѓу Охрид и Пелистер, што се одигра вечерва во извонредна атмосфера во преполната сала „Билјанини извори“ им припадна на битолчани кои славеа со 22:29, полувреме 11:14. Со оваа победа битолчани речиси ја заверија шампионската титула, а Охрид останува во преостанатите 4 кола да го потврди учеството во еврокуповите.

Мечот донесе неизвесност само во првото полувреме во кое Охрид добро парираше. Се играше изедначено до средината на вториот дел, а серијата грешки на домашните Пелистер умешно ги искористи за водство од +3 на полувреме.

Во вториот дел битолчани тргнаа уште пофуриозно. Охрид ротираше но не успеа да најде против игра за противникот. „Гладијаторите“ продолжија да прават грешки, а Пелистер ја зголемуваше предноста од минута во минута.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Гал Цирар со 6 гола, а кај Пелистер Филип Кузмановски постигна 10.

Статистика ГРК Охрид: Ѓорѓески, Ристевски, Ојлески 1, Мацуока 1, Јукиќ 2, Стоилевски 2, Дрогришки, Пелидија, Тасесеки 2м Шафранко 1, Куковски, Крстевски, Шешиќ 1, Орјоникидзе 4, Бојаниќ 2, Цирар 6.

За издвојување е амбиентот кој го создадоа навивачите на двата клуба во салата „Билјанини извотри“ која вечерва беше претесна да ги прими сите љубители на ракометот, а дел останаа пред вратите на спортскиот храм. Меѓу нив имаше и гледачи со карти што предизвика револт, а клубот по завршувањето на мечот упати јавно извинување.

До крајот на првенството Охрид гостува во Скопје кај Алкалоид и Вардар, а дома се среќава со Пролет и Тиквеш во последното коло.

Г.М.
Фото: Digital Box/OhridNews