Ракометарите на Охрид по голема борба претрпеа пораз од актуелниот шампион Вардар во 2 коло од плеј-офот во Супер лигата. Вечерва во преполната сала „Билјанини извори“, ГРК Охрид – РК Вардар 23 : 27, полувреме 12 : 15.
Мечот почна со спектакуларна најава, каква што гледаме на натпреварите од евро куповите, што создаде извонреден амбиент на трибините, каде ритамот го диктираше навивачката група „Рибари“.
Првиот напад и водство го имаше Вардар. Охрид возврати преку Даниел Андоновски и тоа беше единственото израмнување на натпреварот. Охрид продолжи во грч. Домашните ракометари како да беа импресионирани од противникот и атмосверата, грешеа премногу, а искусниот состав на Вардар немилосрдно казнуваше. Во 12 минута беше 1:5, а Охрид вториот гол на мечот го постигна во 13 минута. Следеше период на изедначена игра, по што на сцена стапи турскиот интернационалец во дресот на Охрид Каракоч. Тој со неколку гола и одлични потези во серија го врати Охрид во живот 11:14. Манасков на триесеттина секунди до полувремето од пенал стрелаше за 11:15. На идентичен начин на спротивната страна погоди Дрогришки за 12:15 на полувреме.
Второто полувреме почна како што заврши првото, со пенал за Охрид, а сигурен реализатор повторно беше Дрогришки. Охрид заигра подобро во одбраната, порационално во нападот, но Вардар ја одржуваше предноста. Охрид не се предаваше. Гладијаторите ја стегнаа одбраната и како резултат на тоа стигнаа на само 1 гол негатива. Вардар играше долги напади на раб на пасивна игра, што предизвика бурни реакции од публиката кон судиската двојка. Талески во клучните моменти кога се кршеше мечот со два врзани гола ги откажа домаќините. Во последните мигови во листата на стрелци се запиша и голманот Тпомовски кој ја погоди празната мрежа на Охрид за конечни 23:27.
Најефикасен на мечот и во редовите на Вардар беше Филип Талевски со 8 гола, Ерај Каракоч кај Охрид постигна 5.
Статистика:
ГРК – Охрид – – РК Вардар 1961 23:27 (12 : 15)
Спортска сала „Билјанини извори“ Охрид
Гледачи: 2500
Судии: Димитар Митресвски / Благојче Тодоровски
ГРК Охрид: Миленковиќ / Речкоски / К. Андоновски / Цејовиќ / Рустамов 3 / Дрогришки 3 / Д. Андоновски 3 / Василевски / Ристески / Тасески 2 / Шешиќ 3 / Каракоч 5 / Бојаниќ / Боудрали 1 / Цирар 3
Исклучувања: 2 мин.
РК Вардар Ристовски / Томовски / Јагуриновски 2 / Стиулов 2 / Аларов / Моралес 3 / Георгиевски 4 / Карапалевски 2 / М. Томовски 1 / Чувара / Талески 8 / Фереира / Атанасовски / В. Марковски / Ќосевски / Мишевски
Исклучувања: 8 мин.
По две одиграни кола во плеј – офот Вардар има максимален учинок, а Охрид победа и пораз. Во следното коло Охрид му гостува на Тиквеш.
Охрид скапо ја продаде кожата, ракометниот спектакл во „Билјанини извори“ за Вардар
Г. Момироски
Фото: А. Момироска
Видео: К. Симиџиоски/ Р. Калајџи