Супер интересен и неизвесен натпревар одгиграа ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер вечерва во исполнетиот ракометен храм „Билјанини извори“. Во возбидлив финиш Пелистер успеа да забележи важна гостинска победа во трката за одбрана на титулата 23:26, полувреме 11:12.
Резултатската клацкалка сепак во финишот превагна на страна на гостите кои максимално ја искористија ширината на клупата во мечот со десеткуваниот Охрид кој, покрај Бојаниќ, Мацуока и Орјоникидзе кои беа повредени и не настапија воопшто, вечерва остана и без бекот Ловро Јотиќ кој заработи незгодна повреда во првото полувреме и предвреме мораше да ја напушти играта. До тој момент тој постигна 5 гола и беше незадржлив во нападот.
Охрид одигра одлично прво полувреме во кое во повеќе наврати имаше водство 1-2 разлика. Пелистер се консолидира и резултатски се врати во игра. При водство од 5:3, Охрид промаши зицер, а „зелено белите“ тргнаа во серија од 0:4 со која го презедоа водството кое не го испуштија до полувремето. А можеше да биде и нерешено ако Митрески не скинеше уште еден зицер на неколку секунди до паузата.
Во вториот дел Охрид тргна уште поагресивно и брзо го врати водството. Гол предност за едните, па за другите се до финишот. Охрид не успеа во клучните моменти да реализира Е. Пелистер казнуваше и стигна до вредна победа.
Навистина ми е жал бидејќи бевме блиску до добар резултат. Одигравме борбено, на нож шго се вели, но сепак не успеавме да ја израдуваме нашата публика која и денеска беше во голем број со нас. Што е тука е, продолжуваме понатаму, ова е само второ коло и се надевам дека ќе се консолидираме и ќе ни се вратат повредените играчи и Ловро кој исто така се повреди денес и дека ќе успееме да и донесеме радост на охридската публика во некој од дерби натпреварите кои преостануваат со Вардар, Алкалоид и Пелистер, изјави по мечот Рудолф Шафранко, кој мечот го заврши со 7 гола.
Статистика ГРК Охрид:
Чаневски (6одбрани), Ојлески 1, Јукиќ 1, Костов, Ристевски, Ристески Н., Тасески 2, Шафрако 7, Јотиќ 5, Куковски, Крстевски, Пешиќ 2, Кукуловски, Винисиус, Цирар 5, Ѓорѓески (2 одбрани).
Статистика РК Еурофарм Пелистер:
Митревски, Манасков, Кузманоски, Тајник 2, Борзаш 1,Ивиќ, Радивојевиќ 7, Кузмановски 12, Костески, Абутовиќ, Пешевски 1, Оусама 1, Хаџиќ, П. Атанасијевиќ 1, Мохамед Мамдоух 1, Соколески 1.
Натпреварот мина во одлична атмосфера на која посебен шмек и дадоа навивачите на двата тима. Тиеи на овцаа средба не го заборавија Кочани и заеднички скандираа во знак на почит кон жртвите од катастрофалниот пожар кој одзеде 60 животи.
Во следното коло од плеј-офот ГРК Охрид му гостува на Вардар.
Г.М.
Фото: А. Момироска