20:55 ГРК Охрид загуби на гостувањето во Кавадарци од Тиквеш во третото коло од плеј-офот во Супер лигата 28:24, полувреме 14:09.
Охрид добро го отвори мечот, поведе и одржуваше гол предност до десеттата минута 3:4. Тогаш почна серијата на Тиквеш. Петровиќ изразмни на 4:4, по што Темелковски го доведе домаќинот во водство 5:4. Од десеттата до 24 минута Тиквеш постигна 7 гола, а Охрид само 1. Гладијаторите во финишот на првиот дел се обидоа и со игра 7 – 6, но Тиквеш го задржа високото водство на полувреме.
Во вториот дел Охрид повторно започна со погодок. Бојаниќ стрелаше за 14:10, на што Тиквеш одговори со нова серија од 6:0 за највисоки + 9 (20:11). Цирар, кој делуваше индиспонирано во првото полувреме кога промаши пенал и неколку зицери, значително ја поправи играта во вториот дел кога постигна 4 гола од 5 обиди. Тимот на тренерот Андоновски не се предаде. „Гладијаторите“ заиграа подобро во одбраната, се редеа грешки на Тиквеш и Охрид со серија од 7:1 на три минути до крајот ја намали разликата на противникот на -3. Но следеа две грешки едно по друго во нападот, по што Тиквеш го одведе мечот во победа за конечни 28:24.
Во редовите на Охрид се чувствуваше отсуството на Дрогришки кој во зимскиот преоден рок премина од Тиквеш во Охрид, но поради договорот на двата клуба, тој не можеше да настапи на оваа средба.
Најефиксани на мечот беа Бојаниќ (Охрид) и Симиќ (Тиквеш) со по 7 погодоци. Брауновиќ на голот на Тиквеш имаше 9 одбрани, Миленковиќ и Цинцадѕе кај Охрид искомбинираа 6 одбрани. Домаќините имаа 8 минути играч помалку, Охрид само едно исклучување. Тиквеш доби 2 пенала, реализираше еден, а Охрид од линијата за седум метри имаше 7/6.
На мечот во Кавадарци Охрид ја имаше поддршката од навивачката група „Рибари“.
Во следното коло, идниот викенд, ГРК Охрид дома ја пречекува екипата на Алкалоид.
Г.М.