Голема победа на ГРК Охрид на стартот од разигрувањето за титулата и местата кои водат во Европа. Вечерва во Битола, Еурофарм Пелистер 2 – ГРК Охрид 23:26, полувреме 11:14.
„Гладијаторите“ кои на натпреварот ја имаа подршката од најверните навивачи – „Рибари“, водеа речиси во текот на целиот меч. Освен водството на почетокот од 1:0 на Пелистер 2, се друго беше во знакот на сино-белите од Охрид.
Охрид прв пат поведе во четвртата минута 1:2. Минималната предност ја одржуваше до десеттата минута, Миленковиќ беше одличен на голот (14 одбрани), Охрид поведе со +2, а потоа и со три разлика, за 11:14 на полувремето.
Второто полувреме Пелистер го започна подобро. Охрид грешеше во нападот, Миленковиќ спасуваше, но битолчани ја топеа разликата. Во 35 минута беше 15:15, што го запали алармот на клупата на Охрид. Андоновски повика тајаут, по кој Охрид заигра поорганизирано, се врати во водство, а набрзо одново имаше +3. Во 42 минута на семафорот стоеше 16:19.
Пелистер не се предаваше и во 53 минута се доближи на гол негатива. Под притисок во финишот грешеа двете екипи, но Миленковиќ на голот на правеше чуда и не дозволи Охрид да го испушти водството. По неколкуминутно промашување на двете страни, Бојаниќ постигна гол кој го отпиша домаќинот. До крајот Охрид постигна уште еден гол за вредна победа 23:26.
Најефикасни во редовите на Охрид беа новајлиите Дрогришки и Цирар со по 7 гола, Миленковиќ оствари 14 одбрани.
Статистика:
Суперлига – плеј-оф 2022/23, Прво коло
Еурофарм Пелистер 2 – Охрид 23-26 (11-14)
Спортска сала „Боро Чурлевски“ – Битола
Гледачи: 1.000
Судии: Славе Николов и Ѓорѓи Начевски
Еурофарм Пелистер 2: Јовановски, Јанковски 1, Бошњак, Ристевски 1, Стоилевски 8, Митревски 4, Димитровски, Талевски, Петровиќ 4, Ивановски 1, Буторац 1, Белистојановски 1, Маџовски, Мијушковиќ, Блажевски, Арсеновски 2
Седмерци: 1/1
Исклучувања: 8 минути
Охрид:
Миленковиќ 1, Речкоски, К. Андоноски 1, Рустамов 2, Дрогришки 7, Кочоски, Ѕинѕадѕе, Д. Андоноски, Василевски, Ристески, Тасески, Шешиќ 2, Каракоч 2, Бојаниќ 4, Боудрали, Цирар 7
Седмерци: 5/4
Исклучувања: 6 минути
Оваа победа има исклучително значење за ГРК Охрид, кој со засилувањата на полусезоната ќе атакува на местата од врвот на Супер лигата.
Рибари и Чкембари создадоа одлична навивачка атмосфера во Битола
Во следното коло, Охрид дома го пречекува шампионот Вардар.
Г. Момироски
Фото: Зоран Мишевски