18:55 Еурофарм Пелистер убедливо го совлада ГРК Охрид 32:24, полувреме 17:8, во натпреварот од 6 коло од плеј-офот во ракометната Супер лига, што се одигра попладнево во Битола.
Охрид беше рамноправен противник само во воведните минути. По 3:3, Пелистер се одвои на +2, а во десеттата минута водеше со 7:3. Охрид возврати со серија 0:2, на што домашинот тим одговори и во 20 минута на семафорот стоеше 10:6. По тајмаутот на Андоновски Охрид го намали резултатот, но следеше серија на Пелистер од 7:0 за убедливи +10. Во финишот на првиот дел Охрид постигна гол за 17:8 на полувреме.
Второто полувреме беше чиста формалност. Охрид се обиде да го поправи впечатокот, но успеа само малку да го ублажи високиот пораз од објективно поквалитетниот противник.
Средбата во салата „Боро Чурлевски“ во Битола се одигра пред мал број гледачи. Поради несогласувања со клубот на натпреварот не присуствуваа најверните навивачи на Пелистер, „Чкембари“, кои најавија бојкот на клубот до крајот на сезоната поради случувањата и реакциите од мечот со Вардар од минатото коло.
Со оваа победа Еурофарм Пелистер стигна до 18 бода и го прескокна Алкалоид на втората позиција на табелата на која води Вардар со 21 бод. Охрид е на 8 место со 3 бода.
Во следното коло кое на програмата е претстојниот викенд, Охрид го пречекува Бутел.
Г.М.