Ракометарите на Охрид доживеаја болен пораз на домашен терен од Вардар во 6 коло од ракометниот плеј-оф. Во инетересен и возбудлив меч, вечерва во извонреден амбиент во исполнетата сала „Билјанини извори“, ГРК Охрид – РК Вардар 25:27, полувреме 12:11.
Првото полувреме донесе неизвесност и израмнета игра, со доста грешки на обете страни, а „гладијаторите“ успеаја да обезбедат минимална предност.
Мечот продолжи во ист ритам, жестоко во одбраната и нападот. Се играше гол за гол, а екипите се менуваа во водство. Во клучните моменти кога енергијата беше на страна на Охрид серија несфатливи, неизнудени грешки домаќинот од добиена го доведоа во загубена ситуација. Искусен тим како Вардар знаеше тоа да го казни. Скопјани отидоа на + 4, но Охрид не се предаваше. Домаќинот успеа да намали експресно два гола, но повторно грешките во нападот беа кобни, одличниот Томовски на висина на задачата за значајна гостинска победа на Вардар.
На голот на Охрид, исто така, одличен беше Ѓорѓески со двоцифрен број одбрани, но затаи придонесот на остатокот од тимот во моментите кога се решаваше натпреварот. Цирар со 5, Ојлески и Орјоникидзе со по 4 гола беа најефикасни кај Охрид, а Родригез со 10 кај Вардар.
Статистика ГРК Охрид: Ѓорѓески, Ојлески 4, Мацуока 1, Јукиќ 3, Стоилевски 1, Дрогришки, Пелидија, Ристевски, Тасески 1, Шафранко 1, Кукоски, Крстевски 1, Шешиќ 2, Орјоникидзе 4, Бојаниќ 1, Цирар 5.
Статистика РК Вардар: Томовски, Аларов, Георгиевски 4, Карапалевски 1, Јасухира 3, Родригез 10, Баццар, Лазаревски 2, Гојковиќ, Николиќ 1, Петриќ, , Ѓукиќ 6, Стојановски, Ќосевски, Мело, Гогоа.
Во следното коло Охрид му гостува на Тиквеш во Кавадарци во директен дуел со претендентот за едно од местата кои водат во ракометна Европа.
Г. Момироски
Фото: Бобан Стојаноски