Ракометарите на Охрид извојуваа висока победа во мечот со Куманово, што се одигра во рамки на 11 коло од А групата на Супер лигата.  Вечерва во салата „Билјанини извори“ ГРК Охрид – МРК Куманово 32:17, полувреме 14:7.

Охрид влезе максимално мотивирано и сконцентрирано во мечот, во кој разликата во квалитет беше очигледна. Домашниот тим постојано го зголемуваше водството, кое пред одморот се искачи на +7.

Доколку воопшто имаше некаква дилема околу исходот на средбата, беше решена во првите осум минути од вториот дел во кои Куманово не постигна ниту еден гол.

Разликата стана двоцифрена, што стратегот на „гладијаторите“ Андоновски го искористи да им даде шанса на помладите играчи од клупата. Тие максимално го искористија моментумот, за што беа наградени со аплаузи од охридската публика.

Охрид го предводеше Иван Тасески со 7 погодоци, Озтурк постигна 4, а Шешиќ, Костов, Цејовиќ и Рустемов по 3. Најефикасен кај Куманово беше Андреј Миладиновски со 4 гола.

Фото галерија:

Во следното коло Охрид му гостува на шампионот Вардар, по што следи Езерското дерби со Струга.

Г. Момироски