Охридските ракометари, на домашен терен против скопски Пролет, в недела, со почеток во 19 часот ќе ја започнат втората етапа во Супер лигата.

Ракометарите на Пролет, се една од двете екипи, која успеа да го совлада Охрид во првата полусезона од суперлигашкото друштво. „Гладијаторите“ мечот со Пролет го најавија со победата над Пелистер во дерби пресмеката од 9-та рунда.

Мечот, победата и сите случувања во дерби средбата со Пелистер се зад нас и максимално сме фокусирани на дуелот со Пролет. На стартот од сезоната, таму го претрпевме едниот од двата порази во првиот дел, но тогаш беше почеток и уште нашиот состав не беше воигран, како што е случај сега. Бодовите се од исклучително значење, бидејќи немаме право на кикс на домашен терен против екипи кои ни се конкуренти за ТОП 4 местата на табелата. Ростерот на Пролет е составен од млади ракометари кои долги години се заедно и многу добро се познаваат. Во клубот од Скопје може да се види дека постои добра хемија и добар квалитет, но на домашен терен ние сме фаворити и требе да ја потврдиме таквата улога. – изјави бекот Златко Везенковски

Охридските ракометари малиот фонд на играчи во ростерот го надополнуваат со пожртвувана игра, големото искуство кое го имаат акумулирано и поддршката од неверојатна публика во СРЦ „Билјанини Извори“.

Немаме голем број фонд на играчи како другите екипи, но во тимот има големо искуство и смиреност, „гинеме“ еден за друг, физичка таподготвеност ние на високо ниво и најважнато поддршката од публиката. На двата од трите домашни мечеви со предзнак дерби, имаме пех со исклучени ракометари, но успеваме да се износиме со притисокот, токму поради причини те кои ги набројав и да славиме на крајот. – додаде Везенкоски.

Поранешниот и сегашниот член на охридскиот клуб, Везенковски, обелодени дека во ракометните кулоари, Охрид не е омилен град за гостување.

Во однос на тој клуб во кој бев јас и овој сега има голема разлика. Организираноста е на големо ниво, градот повеќе стои позади клубот и пак ќе кажам полната сала нас како ракометари многу не мотивира. Имав можност со два три клубови да гостувам во Охрид и можам да кажам дека гостувањата не се баш пријатни, од спортски аспект секако. – рече Везенкоски.

Џокер на охридскиот ракометен состав на мечевите со Струга и Пелистер беше Дарио Симоноски. Младиот ракометар од Струга, кој добива шанса од клупата е добра замена за Иван Тасески, кој дејствува во два правци.

Јас лично среќен сум што имам шанса да бидам во клуб, каков што е Охрид. Подготовките пред почетокот на сезоната и самите тренинзи со Тасески, кој има повеќе искуство од мене многу ми помагаат. Свесен сум дека ќе добивам шанса од клупата и мило ми е што во мечевите со Струга и Пелистер и помогнав на екипата да победи. Не би имал против така биде и со Пролет, бидејќи на крајот, никој нема да зборува за ефектот на ракометарот, ако клубот изгуби. Што се однесува до мечот, тие имаат квалитет и сигурно ќе дојдат во Охрид да се надигруваат. – истакна Симоноски.

Тој на средбата со медиумите откри дека после „Езерското“ дерби со Струга, кое Охрид го доби во финишот добил „опомена“ од своите другари и блиски пријатели. – Коментари е нормално да има, но сите беа кажани низ смеа. Ривалството помеѓу Охрид и Струга е „здраво“ за ракометот и за спортот воопшто, затоа што недела ден пред и после мечот се зборуваше за дербито.

„Гладијаторите“ со скор од 7 победи и 2 порази се во добра позиција во пресрет на деветте мечеви кои следуваат во втората полусезона. Ракометниот клуб Охрид последниве пет сезони е редовен учесник во плејофот, а мечевите се празник на ракометот и на спортот.

Нашата цел пред почетокот на сезоната беше опстанок и изјавив дека секој меч за нас ќе биде финале. Но, ни се поклопија коцките, бележејќи добри резултати и маестралната поддршка на публиката и сега зборуваме за пласман во плејофот и без да размислуваме за нашата иднина во Супер лигата.  Јас ќе ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на „Рибарите“ и обичната публика за поддршката до сега и ќе ги повикам повторно да дојдат в недела и да уживаат во елитен ракомет. – изјави спортскиот директор, Горан Недески.

Мечот против Пролет се игра в недела во 19 часот, а цената билетот за влез во салата изнесува 50 денари.

Михаил Постоловски