Ракометарите на Охрид загубија речиси добиен натпревар со Вардар. Кобен беше финишот за домаќинот кој не успеа да ја задржи осетната предност,. која на одредени моменти изнесуваше и пет, односно шест разлика. Гогов блесна на голот на Вардар, а кога беше најпотребно Охрид не погодуваше. Пивотмените Пешиќ и Тасески не промашија зицери, а Мацуока во клучните мигови направи пробивање. Вардарци сурово ги казнија грешките на Охрид во последните минути и од загубена позиција стигнаа до триумф 26:27 (16:11).
Охрид одлично го отвори мечот. По почетното водство на Вардар (0:1) се друго во првото полувреме беше во знак на „гладијаторите“. Одбраната на чело со одлично расположениот голман Ѓорѓески функционираше речиси перфектно, а нападот во кој особено се истакна Орјоникидзе исто така беше на посакуваното ниво. Водството на Охрид постојано се зголемуваше и на полувреме изнесуваше плус пет (16:11).
Во вториот дел Вардар почна да се буди. Скопјани тргнаа фуриозно со серија 0:3, но Охрид љубоморно го чуваше водството и одолеваше на сите закани. Се до финишот. Охрид на седум минути до крајот имаше водство 26:22 и се чинеше дека Вардар е пред пораз, но гостите со серија 0:5 стигнаа до нова победа на Охрид, вкупно 20 по ред во Супер лигата.
Најефикасен играч на мечот беше грузискиот интернационалец во редовите на ГРК Охрид Орјоникидзе со 10 гола. На спротивната страна Вуко Борозан броеше до 9.
Натпреварот од претпоследното коло од регуларниот дел на првенството немаше резултатско значење бидејќи и Вардар и Охрид обезбедија пласман во плеј-офот, но сигурно „гладијаторите“ ќе ги боли поразот од големиот ривал кој и натаму останува нерешлива енигма за охриѓани.
Во последното коло од регуларниот дел, Охрид му гостува на Алкалоид.
Г.М.
Фото: А. Момироска