Кошаркарите на МЗТ Скопје по голема борба го совладаа АВ Охрид со 89-80 (20-21, 23-20, 28-15, 18-24) и ги освоија бодовите во СРЦ „Билјанини Извори“ во петтата рунда од Супер лигата. Со триумфот во Охрид бранителот на трофејот во македонската кошаркарска елита ги залечи раните од поразот во дербито со Работнички една рунда претходно. 

Охридските кошаркари добро го отворија мечот и го контролираа резултатот. Во седмата минута успеаја и да се одлепат на 19-12. Но, „штрковите“ со серија 8-1 ја намалија негативата на еден поен (21-20) после десет минути игра.

Втората четвртина резултатски им припадна на гостите (23-20), а борбата преовладуваше на паркетот. Охриѓани стигнаа и до плус осум (33-25), а МЗТ Скопје тогаш се разбуди и со нова поентерска серија го сврте резултатот во своја полза за плус два на полувремето (43-41).

Во третиот квартал дискутабилните одлуки отидоа на страна од МЗТ Скопје, а внесоа нервоза во охридскиот состав. После недосуден очигледен фаул под кошот Рос Кенет бурно реагираше и заработи техничка грешка и пооади бројот на лични грешки предвреме го заврши натпреварот . „Штрковите“ максимално ги искористија сите прилики и го „скршија“ домашниот тим со (28-15) за водство 71-56 по триесет минути игра.

И покрај негативата и проблемите со личните грешки избраниците на Петар Чочороски не се предадоа и успеаја да ја спуштат под десет поени негативата (73-64). Големиот налет на охридските кошаркари го одбранија гостите од Скопје и не дозволија губење на кормилото во мечот за конечни 89-80.

Во тимот на АВ Охрид двоцифрен учинок имаа Ахметбашиќ (21), Хенри (19), Рос Кенет (11) и Лефковски (10), кај гостите 23 поени реализираше Трајкоски, 18 кошеви уфрли Лалиќ.

Во шестата рунда АВ Охрид гостува кај лидерот на табелата во Супер лигата, Работнички.

OhridNews