Ракометарите на Охрид загубија од Пролет во натпреварот од 5-то коло од плеј-офот од Супер лигата, со што ги губат шансите за посакуваниот висок пласман во првенството. Попладнево во Скопје, Тинекс Пролет – ГРК Охрид 27:26, полувреме 14:13.

 

Охрид добро го отвори натпреварот и имаше водство се до финишот на првото полувреме. Во еден момент „гладијаторите“ имаа и + 3, но Пролет умешно ги казни сите грешки на гостите, чија игра падна кон крајот на првиот дел.

Пролет во првиот напад во вториот дел го зголеми водството на два, а потоа и на три разлика 16:13. Следеше период на игра гол за гол, а Тинекс Пролет го чуваше извесно време стекнатото водство (19:16). Охрид почна да се буди и со серија од 1:4 израмни на 20:20 на средината од вториот дел.

Во 50 минута Охрид го презеде водството 23:24, а по одбранетиот пенал на Миленковиќ во 55 минута, поведе и со +2 (24:26). Тогаш уследи нов пад во играта на гоастите кои направија премногу технички грешки, по кои Тинекс Пролет постигна два гола и се врати целосно во игра. И покрај тоа Охрид ја имаше судбината во свои раце бидејќи на 45 секунди до крајот при нерешен резултат 26:26, имаше напад за победа. Андоновски повика тајмаут, по кој Дејан Шешиќ одигра погрешен пас кој заврши во аут. Останаа дваесеттина секунди до крајот, во кои домаќинот изведе прецизен напад кој резултираше со гол. Охрид се обиде во преостанатите секунди да израмни, но безуспешно.

Најефикасен во редовите на Охрид беше Гал Цирар со 7 гола, Дрогришки постигна 6, Каракоч и Бојаниќ по 4, Рустамов и Шешиќ по 2, Тасески 1. На спротивната страна Василевски мечот го заврши со 9 гола.

Охрид изведе 5 седмерци, а реализираше 4, а Пролет имаше 2 пенала од кои постигна еден гол.

Со овој пораз Пролет го прескокна Охрид на плеј-оф табелата и му го препушти последното место на Охрид, на кој до крајот на првенството му останува да се бори за подобрување на впечатокот и пласманот во разигрувањето. Време за едното и другото има, бидејќи преостануваат уште девет кола до крајот на шампионатот.

Гостински пораз на ГРК Охрид од Пролет

Г.М.
Фото: А. Момироска