Голманскиот двоец Ристе Китевски и Крсте Костески се подготвени за дуелот со Овче Поле, кој се игра в недела во 19 часот во арената „Билјанини Извори“. Охриѓани по два одиграни натпревари во Супер лигата имаат биланс од една победа и пораз, а двоецот на голот најавуваат победа.
– Со Овче Поле очекуваме дека одличната подготовка на тактички и пред се на физички план последнава недела ќе ни донесе нови три бода во Супер лигата. Охридската публика го заслужва тоа бидејќи безрезервно не подржуваат и со нивна помош од трибините да прославиме нова победа – рече Костески.
Покрај поразот во Битола од Пелистер мотивацијата е на високо ниво кај охридските „гладијатори“ за ракометно надигрување.
– Ние сме силно мотивирани да докажаме дека сме желни за успеси и за нови победи за градот кој силно не поддржува. Одбраната треба да изигра на највисоко ниво, а во нападот техничките грешки да сведат на минимум – додаде Костески.
На победа против тимот на Овче Поле се надева и миленикот на охридската публика „Меци“. Според него желбата за победа и охридската публика ќе ја направи разлика во неделниот натпревар.
– Ние сме млада екипа која сака да се надигрува и победува без разлика кој противник го имаме спроти нас на паркетот. Така ќе биде на мечот против Овче Поле ќе дадаме се од себе и ќе направиме се да ја израдуваме охридската публика – порача Китевски.
Поради повреда во комбинација за дуелот со Овче Поле нема да биде Кирил Пецаков, кој заработи повреда на премиерата во Супер лигата.
Мх.П.