ГРК Охрид одигра нерешено 26:26 со Тиквеш во Кавадарци и од четвртата позиција ќе влезе во Езерското дерби во среда кое ќе означи крај на полусезоната во Супер лигата.
Натпреварот почна израмнето. При резултат 10:10, Охрид се одлепи во финишот на првиот дел кој „Гладијаторите’ го добија со два разлика 13:15.
Тиквеш го бркаше водството на гостите во второто полувреме, го стигна и поведе 18:17. Кавадарчани на неколку наврати имаа + 2 (24:22, 25:23, 26:24), но Охрид со два гола во низа стигна до израмнување. Двете екипи до крајот имаа можност да стигнат до целиот плен, но резултатот остана непроменет.
Најефикасен во редовите на Охрид беше Гал Цирар со 10 гола, додека кај Тиквеш Аби Обина постигна 7.
Во дербито на колото Е. Пелистер го совлада Вардар со 35:33 (22:13).
На табелата по 15 кола води Алкалоид со 28 бода, 2 повеќе од Вардар и Пелистер кој има послаба гол разлика од вечниот ривал, а Охрид е четврти со 23 бода.
До крајот на првиот дел Охрид во Езерското дерби ја пречекува екипата на Струга во среда во салата „Билјанини извори“.
Г.М.