Ракометарите на Охрид претрпеа пораз во дерби натпреварот со Алкалоид. Во 10 коло од Супер лигата, попладнево во салата „Билјанини извори“ ГРК Охрид – РК Алкалоид 28:29 (16:16).

Првото полувреме беше рамноправно. Се играше цврсто во двата правци, а водството се менуваше на двете страни. Највисоката предност не беше поголема од два гола, а во финишот гредата го оддалечи Охрид од минимална предност за егал пред одморот.

Клучна за исходот од натпреварот беше првата половина од вториот дел. Охрид едноставно како да го снема. За 11 минути во вториот дел домашните постигнаа само еден гол, а Алкалоид направи разлика од +6. Будењето на „гладијаторите“ почна доцна. Охрид не застана, напротив, но успеа само да го ублажи поразот.

Го ценам Охрид многу и дотолку ми и е драго што успеавме на еден жежок терен да го добиеме овој исклучително значаен меч и што овие млади играчи усепаја да спуштат еден психолошки товар од себе. Не е лесно да се победи во Охрид, знаеме за каков тим се работи и какви амбиции има, што лично ме радува. Од друга страна мојот тим треба да учи уште многу, бидејќи во еден момент имавме 6 разлика, но ќе работиме во иднина да бидеме уште подобри. – изјави по мечот тренерот на РК Алкалоид Кире Лазаров.

Со оваа победа веќе е извесно дека Алкалоид ќе пренесе значајни бодови во плеј-офот, што ќе значат многу во разигрувањето.

Голем чекор напред направивме, но продолжуваме да работиме и да одиме напред натпревар по натпревар. – додаде Лазаров.

Во ГРК Охрид, кој на овој меч настапи без повредениот Ончев, се свесни дека причините за поразот треба да се бараат во сопствените редови и големиот пад во играта во второто полувреме.

Првото полувреме го одигравме добро. Второто полувреме го отворивме лошо и дадовме само еден гол за 11 минути. Противникот поведе со 6 разлика но не се предадовме, се боревме до крај, но загубивме несреќно со 1 разлика. Сакам да и се заблагодарам на публиката што дојде во толкав број да не бодри. Ние останува да продолжиме да работиме уште повеќе, бидејќи евидентно е дека растеме од натпревар во натпревар, но има простор за подобрување. – истакна пивотот на ГРК Охрид Владимир Бојаниќ.

Најефикасни во редовите на Охрид беа Озтурк со 9 и Бојаниќ со 7 гола. Кај Алкалоид, и воопшто најефикасен на мечот беше Мартин Серафимов со 12 гола.

Фото галерија:

ГРК Охрид загуби во дербито од 10 коло од А групата во Супер лигата од Алкалоид 28:29

Г. Момироски