Во пресрет на првото Супер куп финале во македонскиот фудбал закажано за в недела на Националната арена Филип Втори Македонски (18.30ч. Пренос МТВ) , ФФМ организираше прес конференција на која присуствуваа претставници на обете екипи .


– Ова е прво финале, историско и затоа сакаме да победиме. Сепак се работи за двете најдобри екипи од ланското првенство кои играат најдобар фудбал и затоа очекувам рамноправен и неизвесен дуел, имаме повредени и преморени играчи до дуелите со Партизан па до конечниот состав ќе причекаме до недела . Нека победи фудбалот , нека победи подобриот – изјави Шефот на стручниот штаб Ќатип Османи.

Спортскиот директор на клубот Бесир Шакири најави дека уште се разговара со навивачите за организирано патување на неделниот натпревар. Шакири истакна дека организираат состаноци со навивачката група „балисти” со цел да не се повтори иконографијата и неспортското скандирање од средбата со Партизан.

Добар натпревар очекува и директорот на ФК Металург , Никола Ѓошевски кој присуствуваше на прес конференцијата наместо Шефот на стручниот штаб, Жикица Тасевски кој вчера имаше тежок ден со својата екипа во Европа купот.

– Навистина за кратко време играме уште еден тежок дуел по вчерашниот натпревар со Локо Софија кој за жал го загубивме. Имаме повредени, заморени фудбалери и ќе биде тешко да го составиме најдобриот состав, сепак останува до недела да се консолидираме и да направиме се, екипата што ќе излезе на терен да одигра квалитетен и борбен меч . Се работи сепак за престижен натпревар на најдобрите екипи во македонскиот фудбал и нека на крајот победи фудбалот – категоричен е Ѓошевски.

Иако не најавија организирано присуство на навивачки групи, сепак ФФМ одреди на Северната трибина да бидат сместени навивачите на ФК Шкендија, а на јужната фановите на ФК Металург.

Влезниците се пуштени во продажба во „Купи карти за се” во Тетово и Скопје по цена од 100 денари.

Одредена е судиската четворка во состав: Мечкаровски, Милошевски, Костадиновски и Јакимовски. Контролор е Раско Мишковски а делегат Лазар Нанев.

И во ова натпреварување ФФМ воведе доделување пехар во трајна сопственост за победничката екипа и преоден пехар.

“извор ФФМ“
OHRIDNEWS