54-то издание на Супер боул заврши со триумф на Канзас Сити, на „Хард рок“ стадионот во Мајами. Новиот шампион во последната четвртина направи голем пресврт и славеа со 31-20 над Сан Франциско за првиот Ломбарди трофеј по 50 години.

МВП на финалето во НФЛ беше квотербекот на Канзас Сити, Патрик Махомс, кој од трагичар стана херој, за неколкуте грешки, се извади со прекрасни додавања кога се кршеше резултатот во финишот.

На полувреме беше изедначено (10-10), а во третата четвртина се беше на страната на Сан Франциско. „49-ките“ најпрво реализираа филд-гол, а потоа пресекоа едно додавање на Махомс и постигнаа тачдаун за предност од 10-20.

Канзас Сити се мачеше да се врати во игра и кога беше најпотребно Махомс испука проектил. При трет обид за 15, кога се чинеше дека нема каде да додава, квотербекот испрати долга топка за Хил и фаќање од 44 јарди. Потоа следуваше додавање до Келси за тачдаун и 17-20.

Одбраната на Канзас си ја одработи својата задача а потоа Махомс одново стапи на сцена и со неколку прецизни додавања донесе нов тачдаун и 24-20 на нешто помалку од три минути до крајот.

Сан Франциско целосно се распадна по големиот кам бек на противникот, па во последниот напад брзо ја загуби топката и дозволи Канзас Сити да постигне уште еден тачдаун за конечни 31-20.

На полувремето на најгледаниот спортски настан во САД настапија супер звездите Џеј Ло и Шакира, што дополнително ја загреа и онака жешката атмосфера на „Хард Рок“ стадионот во Мајами.

OhridNews