“Република Македонија преку Министерството за животна средина и просторно планирање како и Општина Охрид имаат можност со сосема малку инвестирање , сулфатарата во Косел да ја издигнат на ниво на заштитен локалитет, да ја ревалоризираат, ревитализираат и обележат и со тоа да постигнат неколку бенефити“, вели Дејан Паноски, советник и долгогодишен експерт и активист во заштитата и промоцијата на Охридското Езеро и неговата околина. Според него геоморфолошките форми во Македонија треба да се заштитат од натамошно деградирање и да се понудат како една од врвните атракции во промоцијата на алтернаивниот туризам.
Паноски покрена иницијативи вулканот Косел да биде застапен во програмата на Министерството за животна средина и просторно планирање, која е прифатена, како и до Општина Охрид да помогне во обележувањето и промовирањето на просторот.
“Добро би било кога конечно екологијата ја употребиме и како економски инструмент. Инвестициите во екологијата се исклучително важни и можат во многу да придонесат за економскиот развој, како преку вложување во
управувањето со цврстиот отпад, отпадните води, квалитетот на воздухот, така и во економска (туристичка пред се ) валоризација на природните реткости“, додава Паноски.
Други експерти сметаат дека сулфатарата во Косел е недоволно истражена, особено нејзините геотермални својства и дека државата треба да иницира научни испитувања со цел да се дојде до релевантни податоци за вулканските остатоци крај Охрид.