„Капиталните инвестиции не запираат и во време на оваа пандемија, проектите се во тек а градежните работи се одвиваат непречно. Имаме добра реализација на капиталните инвестиции во ресорот транспорт. Интензивно се работи на патиштата, на водоводи и канализации, се гради гасоводот и нови социјални станови“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески на денешната прес-конференција.
Тој заедно со директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, ја презентираа реализацијата на проектите во ресорот транспорт во првиот квартал од годинава.
Министерот Сугарески истакна дека реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски изнесува 10 проценти. Потенцираше дека активно се работи на патната мрежа низ цела држава, на преку дваесетина проекти во комуналната инфраструктура, на изградба на двата магистрални гасоводи, на железницата и на изградба на преку петстотини социјални станови.
За изградба на канализации и водоводи реализиравме 21 процент од планираните средства преку Европската инвестициона банка и 15 проценти за проектите преку КФВ банката. Интензивно работиме и на изградба на комуналната инфраструктура во Индустриската зона Визбегово, се работи и во Битола, Кавадарци, Радовиш, Велес, Теарце, Липково, Чашка и други општини во државата. Во делот на изградба на магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола имаме 86 проценти реализација, додека гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар бележи реализација од 58 проценти. За изградба на пругата од Куманово до Бељаковце до сега реализирани се 70 милиони денари или 17 проценти од планираните средства, а во однос на делницата Бељаковце-Крива Паланка сакам да истакнам дека тендерската постапка за избор на изведувач е во тек и очекуваме до крај на годинава тендерот да заврши. Започнавме изградба на три нови згради за социјално ранливи категории на граѓани или вкупно се градат 506 станови во Неготино, Виница, Свети Николе, Пробиштип и во Бутел. – изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Министерот Сугарески додаде дека исплатени се 21 милион денари за финансиска поддршка за нови авиолинии, но поради настанатата состојба договорот со авиокомпанијата Визер е ставен во мирување.
Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека првиот квартал е успешен а изградбата и модернизацијата на патната мрежа во земјава продолжува со силно темпо.
Потенцираше дека во моментов се работи на рехабилитација на повеќе делници во вкупна должина од 150 километри, во завршна фаза се тендерите за реконструкција и рехабилитација на 84 километри патна мрежа, а набрзо ќе се распишат тендери за рехабилитација на 15 патни правци со вкупна должина од 232 киломтери.
Градбите продолжуваат со несмалено темпо и покрај вонредната состојба. Одговорно тврдам дека нема да има кратење на капиталните инвестиции кои се однесуваат на инфраструктурните проекти. Јавото претпријатие за државни патишта продолжува да ја реализира Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација на државните патишта. Во таа насока, сакам да истакнам дека од предвидените 18.523.300.000 денари, за првиот квартал се реализирани околу 4 милијарди денари што значи дека нема никаков застој и работиме интензивно на терен согласно со временските услови и согласно со препораките воведени со вонредната состојба“, истакна директорот на јавното претпријатие за државни патишта. – Зоран Китанов.
Тој додаде дека се интензивно се работи на изградба на експресните патишта и рехабилитација на преку триесетина регионални и магистрални патни правци.
OhridNews
фото: Влада