Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска се сретна со претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија Киро Здравев.

Како што информира прес службата на министерството, на средбата се дискутирало околу спроведувањето на Законот за Судскиот совет, како и за улогата на Судскиот совет во поглед на отворањето на Поглавјето 23 и исполнувањето на европските стандарди за независно и ефикасно судство.

Во фокусот на денешната средба била темата за зајакнување на одговорноста на судиите, при што било истакнато дека Судскиот совет е клучната институција која треба да го спроведе објективното и непристрасно прочистување на судството, во соработка со меѓународните партнери.

Маричиќ истакнал и дека наскоро се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи со висока корупција, но и дека ќе биде сојузник и поддршка за кадровското зајакнување на судовите со стручни соработници.

На средбата, министерот Маричиќ информирал дека наскоро ќе продолжат надзорите над  АКМИС системот во судовите, кој беше во прекин поради корона кризата.

OhridNews