Судскиот совет денеска на седница донесе одлука да се распише нов оглас за судии во основни судови низ државава кој ќе биде наменет за кандидатите што завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи на претходниот оглас од март годинава во повеќе градови судиските места останале непополнети, а за некои воопшто немало интерес.

Огласот ќе биде подготвен да се објави во најбрз рок поради недостигот од судии и со него ќе се бараат кандидати од редот на младите академци за да ги пополнат испразнетите места во основните судови.

Според огласот, по три судиски места ќе се бараат за Струга, Кичево, Прилеп и Струмица, по двајца судии во судовите во Охрид и Делчево, и по еден во Крушево, Берово, Куманово и Битола. На огласот ќе може да се пријават и кандидати за седум судиски места во Основниот кривичен суд и за осум во Основниот граѓански суд во Скопје.

Причина за нов оглас, што беше иницијатива на членот на Судскиот совет Миљазим Мустафа, е тоа што на претходниот оглас, од 29 март 2023, се пријавиле само 11 кандидати за Битола, Струмица, Тетово и Свети Николе, а за основните судови во поголем број градови никој не конкурирал.

Некои судови работат со еден до двајца судии, а во наредните години може да останат и без судии поради пензионирање. Овие млади судии ќе имаат можност да ги пополнат испразнетите места, посочи Мустафа.

OhridNews

фото. МИА