Доколку ги немавме судските извршни решенија во 2007 година ќе се реализираше комплетната програма на Фондот за комунален развој и патишта, па дури и повеќе, вели во изјава за Ohridnews, Зоран Шиклалески, советник на градоначалникот на општина Охрид.
Непосредно пред нова година Советот на Општина Охрид го усвои ребалансот на буџетот кој во најголем дел се однесуваше на средства на Фондот за комунален и развој и патишта, кои поради судски извршни решенија наместо за предвидените инфраструктурни проекти завршија на сметка на доверителите на општината. За колкави средства се работи Шикалески не знаеше да каже.
Сепак тој посочи дека програмските зафати во 2007 биле реализирани според зацртаниот план. Според него градот успешно одговорил на барањата на државата при подготовката на двата големи настани, Форумот на НАТО и светската религиска конференција што се одржаа во Охрид.
Шикалески информираше дека во 2008 ќе се реализираат инфраструктурни проекти подеднакво и во централното градско подрачје и во периферијата. Општината претходно најави дека токму оваа година ќе биде доизграден колекторскиот систем Метропол-Пештани, како и дека ќе започне изградбата на канализационата мрежа во Велгошти и Лескоец.
Г. Момироски