Неизвесно е кога Основниот суд Скопје 1 ќе донесе одлука дали да го прифати предлогот на скопското обвинителство за одмрзнување на банкарските сметки на Макпетрол, објави „Телма“.

Со оглед на тоа што не се работи за нов предлог на обвинителството туку за усвојување на жалбата на Макпетрол, да се преиначи првичната одлука и да се деблокираат сметките, сега не е надлежен судијата на претходна постапка туку одлуката се префрла во рацете на Големиот кривичен совет.

Овој совет за сега нема донесено одлука, иако јавното обвинителство му ги доставило сите документи и сознанија, кои влијаеле на барањето за одмрзнување на сметките на Макпетрол. За сега, судот не побарал дополнителни докази и нејасно е зошто се пролонгира одлучувањето по предлогот на основното јавно обвинителство. Според законот, кривичниот совет нема рок во кој треба да се изјасни така што неизвесно е кога ќе ја донесе одлуката.

Судот има на располагање три опции. Според првата, може да се укине одлуката на судијата на претходна постапка за замрзнување на сметките и повторно да се врати на одлучување кај него.

Втората предвидува советот да ја преиначи одлуката на судијата на претходна постапка така што ќе се одбие првичниот предлог на обвинителствот за замрзнување на сметките.

И третата опција е да се потврди решението на судијата на претходна постапка, а барањето на обвинителството за одмрзнување да се смета како нов предлог и да се даде на судија на претходна постапка да го уважи и да ја укине мерката.

Судот преку ноќ донесе одлука за замрзнување на сите сметките на Макпетрол за сума од околу 6 милиони евра, наведена во кривичната пријава на МВР. Министерот за економија Беким Незири вчера рече дека ако потрае ваквата ситуација ќе предизвика реални економски проблеми во земјата и испрати порака до судовите да бидат внимателни кога носат одлуки за блокада на сметки на компании и какви последици тие можат да предизвикаат.  

OhridNews

Извор: „Телма“