Судија по претходна постапка попладнево по три часовен распит определи 30 дневна мерка притвор за бизнисменот Јордан Камчев. Утрово тој беше приведен, а според неговиот адвокат Тони Мекиноски бил лишен од слобода поради кривично дело Изборна измама, за подоцна ОЈО за гонење на организиран криминал да побара притвор поради информацијата од Агенцијата за национална безбедност дека Камчев се подготувал за бегство.

Сите мерки за овој предмет кој трае надвор од законскиот рок за истрага, скоро 30 месеци, каде што се уште не е подигнато обвинение, сите мерки се исполнети, даден е капитал како гаранција, дадени се пасошите и Камчев воопшто не може и да сака не може да ја напушти Македонија. Само по некава дојава тој доби 30 дневен притвор. Многу ми е жал, но јас се надевам дека за многу брзо оваа мерка ќе биде санкционирана од страна на Европскиот суд за човекови права. Во целото решение ниту се образложува која е причината, ниту се даваат насоки зошто Камчев денеска треба да оди во притвор, ова е садизам, нагласи адвокатот.

Тој посочи дека не им биле презентирани документите од АНБ.

Сакам да напоменам дека судијата не ни го даде решението, туку дојде записничарката, рече Мекиноски.

Обвинителката Лиле Стефановска го напушти Кривичниот суд од задниот влез без да даде изјава за медиумите.

Камчев е приведен утринава во Полициската станица Карпош. По приведувањето беше упатен во Кривичниот суд во Скопје, на распит пред судија по претходна постапка.

Орце Камчев е еден од осомничените во случајот „Империја“, но и во случајот „Плацеви на Водно“ за кој Рускоска информираше дека истрагата е при крај. Во „Плацеви за Водно“ првоосомничен е поранешниот премиер Никола Груевски, за кого истрагата покажала дека со пари на партијата си купил плацеви во вредност од 1,3 милиони евра.

OhridNews