Поротата на судот во Лос Анџелес оцени дека големиот хит „Stairway to Heaven“ на бендот Led Zeppelin не е плагијат на инструменталната композиција на Spirit, калифорниска група од 1960-те години, а двете рок легенди Роберт Плант и Џими Пејџ веднаш изјавија дека се задоволни од епилогот, пренесува „Макфакс“.
Митската балада на Led Zeppelin, едно од најголемите имиња во историјата на рок музиката, стана предмет на тужба од Мајкл Скидмор, извршител на тестаментот на Ренди Калифорнија, гитарист на бендот Spirit.
Тужбата против Led Zeppelin и нивната издавачка куќа „Warner Music“ со барање за повеќе милионска отштета беше поднесена во мај 2014 година. Тужителот смета дека влезот во композицијата многу е сличен на песната „Taurus“ на Spirit, напишана во 1968 година. Од своја страна, тужените за плагијат тврдеа дека пејачот Роберт Плант и гитаристот Џими Пејџ не ја знаеле песната и сами ја напишале песната кон крајот на 1970 и почетокот на 1971 година, речиси три години по објавувањето
Осумчлената оценувачка порота оцени дека Плант и Пејџ знаеле за песната „Taurus“, но сепак, Скидмор не успеа да докаже дека навистина има слични елементи, а бараше милиони долари со камати.
Ренди Калифорнија се удави во 1997 година. Пред смртта не поднесе тужба, но честопати во медиумите изјавуваше дека песната му е украдена и оти заслужува признание.
„Благодарни сме за совесната работа на поротата и среќни сме што таа донесе одлука во наша полза, решавајќи го прашањето за создавањето на ’Stairway to Heaven’ и потврдувајќи го она што го знаевме 45 години“, се истакнува во заедничкото соопштение на Плант и Пејџ.
OhridNews
извор: „Макфакс“