Основниот суд Скопје 2- Скопје донесе решение да се отвори стечајна постапка за А1 телевизија.

Одлуката се носи врз претходно поднесениот предлог од страна на привремениот стечаен управник на А1, Ацо Петров.

– А1 телевизија е неликвидна и ги исполнува условите за отворање на стечајна постапка, рече Петров на денешното рочиште за стечај на телевизијата.

Според неговиот финансиско – економски извештај, А1 ТВ има вкупни обврски кон доверители и кон Управата за јавни приходи во висина од 1.813.648.228 денари (29.536.229,28 евра), а има капитал од 52.589.600 денари (856.449,70 евра). Според ова, А1 може да исполни само 4,9 проценти од обврските.

Според Петров, фирмата не покажува солвентност, односно не може да ги исплати обврските, а нејзината сметка е блокирана од 2-ри јуни, односно повеќе од 45 дена. Во неговиот финансиски извештај се земени во предвид пресметки за 2010 година, а фирмата доставувала завршна сметка заклучно со 2009 година. Петров извештајот го изготвувал врз основа на документација која што му била достапна во А1 ТВ, како и од надлежните институции.

Адвокатот Дончо Наков, којшто ја застапува А1 ТВ, побара да се земе во предвид и 2011 година и побара од судот да ангажира вешто лице кое што ќе ја земе предвид и документацијата за 2011 година, како и онаа што му е достапна на Кривичниот суд. Тој побара да се одбие предлогот за почнување на стечајна постапка, во која ист предлагач настапува со сосема поинакви суми.

Адвокатот Наков вели и дека документите од должникот му се достапни на УЈП во судот од јануари годинава , но Петров никогаш не ги побарал.

Претставниците на А1 телевизија најавија жалба на одлуката за стечај  пред стечајниот совет.

OhridNews
извор: Makfaks