Охридскиот основен суд изрекол времена мерка забрана за отуѓување на бродот „Џан“, на бизнисменот и газда на А1 телевизија, Велија Рамковски, поради нерешени сопственички односи. Времената мерка е изречена поради основано сомнение дека спорниот брод всушност е бродот 1 Мај кој на непознат начин бил оттуѓен од ЈП Охридски Комуналец. Оттаму минатиот септември преку Министерството за транспорт и врски, односно охридската капетанија и полицијата го актуелизирале случајот кој сега ќе има судска разрешница.
„Не сме стручни служби да утврдиме каде е бродот, но тој не е исчезнат туку е во Охридското Езеро“, ни изјави Боро Павлоски, директор на јавното комунално претпријатие. Павлоски не ја исклучува можноста бродот 1 Мај да бил отстапен на некоја охридска фирма со некаков устен договор или слично, но според него во Комуналец не постои документ за отуѓување на бродот.
Бродот 1 Мај, кој бил вон употреба, го има на сите пописни листи на јавното комунално претпријатие, но судот е најмеродавен и ќе ги оцени сите параметри и ќе донесе најисправно решение, вели Павлоски. „Судот побара одредени докази во однос на техничка документација, пописни листи на основни средства каде што е заведен бродот. Ние ја предадовме целокупната документација на судот и сметам таа ќе биде доволна за да може да се открие дали бродот што се смета дека е 1 Мај е тој брод“, вели Павлоски.
бродот “CAN” заглави во правните лавиринти
Рамковски бродот го купил од охридската компанија АМАК СП, сопственост на бизнисменот Венко Шапкар, во мај 2007 година. Но, охридската Капетанија одбива да го регистрира бродот поради непотполна документација.Оттаму тврдат дека не постојат докази според кои може да се утврди сопственоста на бродот. Правните застапници на Рамковски потврдија дека има проблеми со регистрацијата на бродот. Тие не информираа дека Рамковски има уреден договор за купопродажба заверен на нотар и дека не знаеле за спорната сопственост на бродот бидејќи истрагата била покрената 4 месеци по купопродажбата. За нив е симптоматично зошто дури сега е отворена истрага за спорниот брод, ако тој исчезнал пред 10 години.
Портпаролот на АМАК СП, Љупчо Танески кусо ни изјави дека бродот е произведен и продаден пред повеќе од една година на законски начин и дека компанијата повеќе не гледа никаква врска со спорниот брод. Од АМАК тврдат дека компанијата е овластена за производство на пловни објекти, но тоа го оспорува Капетанијата која тврди дека не била ниту информирана за изградбата на спорниот брод, иако според законот тоа морало да биде направено.
Од капетанијата информираат дека сопственоста над брод може да се докаже единствено со фактура или царинска декларација. Доколку се работи за стар брод кој е реконструиран исто така треба да се приложи соодветна документација, а надзор над работите треба изврши Капетанијата. Тоа во случајот не е направено информираат оттаму. Дали спорниот брод е 1Мај од капетанијата не знаат. Велат дека тоа може да го утврди само судски вештак. Бродот 1 Мај не е одјавен од регистарот на бродови, а последен пат таму бил заведен во 1958 година.
Под сомнение дека новиот брод кој Капетанијата одбила да го регистрира е всушност бродот кој го бара јавното комунално претпријатие, судот донесе времена мерка. И покрај тоа спорниот брод испловил за Водици. Оттогаш тој е укотвен во каналот во делот кој му припаѓа на Министетството за одбрана каде често бил посетуван од сопственикот. Чија сопственост всушност е бродот во кој се инвестирани над 300.000 евра и како тој е продаден, треба да утврди судот.
„Верувам во иснтитуциите на системот“, вели директорот на ЈП Охридски Комуналец, Боро Павлосски. „Мое мислење дека сето ова можеше да се расчисти на културен начин и со една отворена дискусија низ која ќе се најдеше едноставно решение без никакви судски разврски. Сега судот треба да вештачи и да ја утврди вистината, но до ова не мораше да дојде“, вели Павлоски.
Горан Момироски