Вечерва во Скопје околу 2000 граѓани протестираа против потпипувањето на Договорот за решавање на спорот со името. При обид на учесниците во протестот да ги отстранат заштитните огради пред Собранието дојде до судир со полицијата, која употреби солзавец и шок бомби. Дел од медиумите пренесуваат дека и демонстрантите употребиле топовски удари, факли и други пиротехнички средства.

Во протестите има повредени граѓани и полицајци, а приведени се повеќе лица.

-Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека во текот на вечерашниот јавен протест во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите употребија распрскувачки средства и насилно ја турнаа заштитната ограда, истовремено обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел да се спречи ескалирање на ситуацијата и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата уопотреби солзавец. Повредени се седум полициски службеници, а до сега се приведени 25 лица. Министерството за внатрешни работи потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила и насилен упад, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.- соопшти вечерва МВР.

OhridNews