Македонската кошаркарска федерација (МКФ) донесе одлука за мечот помеѓу Фени Индустри и АВ Охрид, кој заврши во корист на домаќините (92-82), но предизвика лавина реакции кај гостите за лошото судење на Михајловиќ.
Дисциплинската комисија во МКФ го суспендираше Михајловиќ два натпревари и го потврди лошото делење на правдата во спортската сала „Јасмин“. Суспензијата е мала утеха за „галебите“, бидејќи го загубија мечот и драгоцените два бодови за местата на табелата кои водат во плејофот.
Охридскиот стратег Петар Чочороски за влегувањето во терен доби суспензија два меча и парична казна од 30 000 денари. Дополнително за втората техничка грешка на Чочороски сезонава „галебите“ ќе платат 8 000 денари.
Парична казна во висина од 4 000 денари доби и бугарскиот интернационалец во редовите на АВ Охрид, Станислас Цонков за техничката грешка во финишот од мечот.
Домаќинот Фени Индустри доби опомена за лошата организација, а за повикувањето на официјалниот микрофон во салата за поддршка доби парична казна во висина од 4 000 денари.
Охридските кошаркари од клупата на мечот со Кожув, кој ќе се одигра в сабота со почеток во 18 часот ќе ги води асистентот на Чочороски, Владимир Ѓоровиќ.
Мх.П.