„Антикорупција: Најдобри практики во борбата против јавната корупција“ е насловена конференцијата која ќе започне денеска во Охрид во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Република Македонија и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите.
Овој собир се организира во рамките на успешно воспоставената соработка, како и во насока на зајакнување на билатерални односи помеѓу правосудствата на Република Македонија, САД и Република Хрватска, со цел јакнење на капацитетите на казненото законодавство. На дводневната конференцијата ќе присуствуваат судии и јавни обвинители од сите инстанци и од сите апелациони подрачја, адвокати и претставници на релевантни институции.
Според најавите, конференцијата ќе ја отворат: Билјана Бришкоска-Бошковски, заменик министер за правда на Република Македонија, Марко Зврлевски, јавен обвинител на Република Македонија, Анета Арнаудовска, директор на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и шеф на делегацијата на Република Македонија во Комитетот на ГРЕКО, Никола Додевски, адвокат и претседател на Адвокатската комора на Република Македонија и Марк Л. Ласер, виш правен советник, Правна канцеларија на ИНЛ, Амбасада на САД во Скопје.
Во рамките на завршните согледувања од конференција на присутните ќе им се обрати и Амбасадор на САД во Република Македонија Џес Л. Бејли.
OhridNews