Поради истек на време и промена на членови на Судечкиот совет, судењето на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, кој се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“ во Основниот Кривичен суд – Скопје денеска започна од почеток.
Овој процес беше подолг период во прекин, откако Основниот кривичен суд – Скопје информираше дека по препорака од психијатар се одложуваат повеќе расправи за случајот со Мухамед Зеќири.
До Судот е доставено ново стручно мислење на вешто лице – психијатар, според кое заради влошување на психичката состојба на обвинетиот, се препорачува одлагање на судењата во следните три до четири недели, стои во соопштението од Кривичен објавено пред еден месец.
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
На 9 април минатата година на Зеќири му беше одредена мерка притвор, која што поради здравствени причини во јуни годинава му беше заменета со домашен притвор.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ.
OhridNews