Охриѓани во иднина при регистрација на брак ќе плаќаат од 300 до 600 денари за закуп на општинската сала, во зависност од тоа во кој ден ќе го кажат судбоносното ДА пред матичар.
Ова, како што дознава ohridnews, се предвидува со предлог одлуката за утврдување на надоместок за користење на Големата сала на општината при склучување граѓански бракови, што ќе се најде на седница на Советот на општина Охрид во четврток.
Со предлог одлуката за денови во кои ќе се склучуваат граѓански бракови се определуваат: петок во работно време, сабота и недела. За користење на салата при склучување на граѓански брак во петок се утврдува надоместок од 300 денари, а во сабота и недела надоместок од 600 денари. Утврдениот надоместок се уплатува пред склучување на бракот на сметка на општина Охрид, а уплатницата се доставува до матичната служба при СВР-Охрид, стои во предлог одлуката, поднесена од стручната служба на градоначалникот.
Средствата собрани од надоместокот ќе се користат за покривање на трошоците направени при склучување на граѓански брак како и за тековно одржување на салата, објаснува предлагачот.
Горан Момироски