Годишните извештаи за работата на јавните претпријатија предизвикаа бурна расправа на денешната одржана седница на Совет. Имено опозициските советници посочуваат дека во извештаите каде е прикажано дека само едно претпријатие ја завршило годината со загуба, а другите пет со добивка не ја отсликува реалната состојба во која се наоѓаат истите. Велат дека без субвенциите кои ги добиваат од локалната тешко дека би се добиле овие резултати. Од друга страна директорите на претпријатијата реагираат дека домаќински ги менаџираат, а субвенциите се повеќе од потребни со оглед на зголемените цени на електрична енергија и репроматеријалите, минималната плата, како и исплатата на заостанатите долгови таложени со години.

Советничката Живка Ангелоска истакна дека извештаите не ја прикажуваат реалната ситуација од работата на претпријатијата, посочувајќи дека најголем дел од истите живеат на грбот на општината.

Јавните претпријатија никогаш не биле во топ форма, но, барем сами се бореле да егзистираат, да ги подмират обврските и во одреден момент да се модернизираат. Субвенциите се нешто ново откако дојде оваа локална власт. Субвенциите само ја пролонгираат агонијата на претпријатијата, даваат една искривена слика на вистинската состојба, ги наталожуваат проблемите кои од година на година стануваат се поголеми и спасот за истите во догледно време ќе биде апсолутно невозможен. При толкави субвенции кои се дваат недозволиво е да гледаме износи за рекламирање и пропаганда, надворешни услуги кои ги исплаќаат за одреди дејности за кои имаат вработени од ист таков профил. Со оглед на тоа што средствата се исплаќаат од програмата на Советот, тоа што ние како советници треба да знаеме каде и како се трошат парите кои ги дава општината, а претпријатијата имаат обврска да дадат отчет колку од тие пари и по кој основ им биле потрошени, истакна Ангелоска.

ЈП Водовод ќе имаше добивка од 26 милиони денари, ако во 2024 година не направеше отпис на 29,5 милиони денари за 2001, 2002, 2003 и 2004 година и за сметка на истиот добивката е намалена на 7,3 милиони денари пред оданочување односно 4,7 милиони денари на добивка по оданочување, истакна директорот Марјан Ристески.

И ако јавното претпријатие не ги добило субвенциите од 16 милиони денари ќе беше во добивка 10 милиони денари. Ова претпријатие исплати 11 милиони денари дополнителни средства за електрична енергија во 2024 во однос на 2023. Зголемување на минималните плата предизвика дополнителни трошоци во висина од 6 милиони денари. А бројот на вработени е намален за 10-тина. Точно е дека јавното претпријатие не само сега туку години нананзад има загуба на вода. Тоа што го прави заедно со локалната е дека во наредниот период, мислам дека максимум за една година, ќе влезат инвестиции од преку 200 милиони денари, а ќе бидат реализирани четири проекти, истакна Ристески.

Постапката за целосна реконструкција на пумпната станица кај Метропол, посочи, е во завршна фаза, за понеделник и вторник е закажана аукција на која ќе се избере добавувач и кон октомври месец се планира да се пристапи кон целосна реконструкција, замена на пумпите, проект првично проектиран на 40 милиони денари.

Вториот проект кој е дојден во фаза до избор на изведувач е за промена на водоводната линија од потегот на „Железничка“ до топките кај „Леарница“, проект околу 30 милиони денари. Трет проект кој е во фаза на тендерирање, а оди преку Министерството за животна средина и е во висина од 1 милион евра е за промена на водомерите, односно водомери со далечинско отчитување, нешто што значително ќе ни помогне во делот за загубите на вода. И уште еден проект кој мислам дека веќе е аплициран – воспоставување на мониторинг на целиот водоводен систем околу 50-60 милиони денари. Очекувањата се за околу една година да бидат реализирани овие проекти со кои ќе имаме подобри резултати во делот на справувањето со загубите со вода, додаде Ристески.

Причината за загубата на јавното претпријатие не е недомаќинско и несовесно работење, туку домаќинско и одговорно, посочи директорот на ЈП Охридски Комуналец Сашо Најдески.

Евидентно од извештајот е дека се намалени трошоците за нафта, автоделови, за поголем број ставки кои влечат повеќе расходи, а истовремено имаме зголемена наплата на долгови од физички и правни лица. Дополнително тука би го спомнал и ажурирањето на над 230 000 метри квадратни од домаќинствата и правни лица, со тоа што се зголемува и наплатата и целокупната квадратура која е задолжена во ЈП. Загубата е од две причини, по основ на зголемени трошоци за плата, за разлика од 2023 во 2024 година заради зголемување на минималецот зголемени се расходите за плати за 16 милиони денари и втората ставка е тоа што надоместокот за јавна чистота кој претходно беше книжен како приход, не е евидентиран како приход и затоа имаме толкава голема разлика, како згуба. Надоместокот за јавна чистотота годишно е околу 21 милион денар и сумирано овој надоместок и 16 милиони денари за разлика во плата се добива фактички загубата. Доколку го книжевме како приход, а немаше зголемување на минималецот ќе бевме на некоја позитивна нула, додаде Најдески.

Факт е дека добивката е над 1, 737 000 денари и дека истата не ја отсликува реалната ситуација, рече директорот на ЈП Градски гробишта, Драган Тренески.

Напоменавте дека цените биле зголемени години нананзад, тоа што сега е факт е дека три економски постулатите влијаат на цената. Имаме зголемување на цената на електрична енергија, зголемување на цената на репроматеријалите и зголемен минималец. Имаме 4 милиони зголемување на износот на платите на вработените. Со добивка не се покриваме. Точно е дека имаме субвенции во износ од 6 милиони и 200 илјади денари. Пристигнати извршни решенија во износ од 11 милиони денари наследени децении наназад од старото јавно претпријатие. 2 милиони денари се намнети исклучиво за исплата по основ на извршни решенија. Друг дел од субвенциите е наменет за осовременување на градежната оператива, првпат купивме ново возило. И уште еден факт кој ја отежнува самата финансиска ситуација е приходот од продажба на гробни места, кој и тоа како се намалува. Кубуриме со реални проблеми. Добивката не ја отсликува розовата слика, но, нема да се помирам со фактот дека сме далеку од домаќинско менаџирање на претпријатието, истакна Тренески.

Ангелоска посочи дека критиката не била лична кон менаџерите на јавните претпријатија, туку поттик за сериозно сфаќање на проблемите кои ги имаат, посочувајќи дека субвенциите се краткорочно решение, а не долгорочно.

Н.С.Ј.