Министерството за економија оваа година ќе го зголеми буџетот во делот на реализација на програмата за промоција на обновливи извори на енергија, како и поттикнување на енергетската ефикасност. Ќе се доделуваат субвенции од 20.000 денари за вградени ПВЦ прозорци, 15.000 денари за топлински пумпи и 80.000 денари за поставување на фотонапонски централи во домаќинствата, информираше на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој рече дека во фокусот на Министерството за 2023 година, освен справувањето со ценовната криза е и енергетиката и спречувањето на кризата во делот на рестрикции со електрична енергија и во делот на неможноста на снабдување со топлинската енергија.

Министерството за економија, како и претходните години, нема да го скрати буџетот, но во спротивно, ќе го зголеми во делот на реализација на програмата за промоција на обновливи извори на енергија, како и поттикнување на енергетската ефикасност. Средствата во оваа програма се во вкупен износ од 70 милиони денари кои ќе се користат за реализација на следните мерки, информираше Бектеши.

Како што рече, станува збор за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2023 година, каде што се предвидени вкупно 25 милиони денари и ќе опфати над 1.200 домаќинства во државата.

Тој потенцираше дека со цел домаќинствата во нашата држава да ја подобрат енергетската ефикасност во своите домови, а со тоа да заштедат електрична енергија, Министерството за економија на лицата кои ќе купат или вградат ПВЦ прозорци во своите домови, ќе им обезбеди поврат на средствата во висина до 50 отсто, но не повеќе од 20 илјади денари по домаќинство за оваа година.

За надоместување на дел од трошоците за купување на сончеви термални колекторски системи во домаќинства за оваа година, вкупно се предвидени 15 милиони денари и ќе опфати над илјада домаќинства а кофинансирнање ќе биде до 30 отсто, не повеќе од 15 илјади денари.

Третата мерка, како што рече Бектеши, е надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски електроцентрали за производство на електрична енергија до 6 киловати согласно новата одлука која ја донесе Министерството за економија во делот на зголемување на капацитетот на инсталирана моќност во секое домаќинство.

Тука се предвидени 30 милиони денари и ќе опфати над 400 домаќинства, како мерка што првпат се спроведува во нашата држава. Повратот ќе биде до 30 отсто, но не повеќе од 80.000 денари. Дополнително на тоа, согласно новиот правилник и другите подзаконски акти, обврска е на универзалниот снабдувач, вишокот на електрична енергија да ја преземе и согласно утврдената цена на Регулаторната комисија за енергетика да им ја плати или да им ја надомести дополнително на секој од домаќинствата кои ќе одлучат да направат вакви инвестиции, рече Бектеши.

Тој додаде дека нема да изостане и поттикнувањето на диверзификација во делот на снабдување со енергенси. Затоа, за градовите Струмица и Куманово, каде што веќе има мрежа за природен гас, се предвидени субвенции за приклучок на мрежата во висина од 70 отсто од трошокот, но не повеќе од 25.000 денари.

Бектеши информираше дека Министерството за економија до крајот на мај за стопанството ќе ги кофинансира сите инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби или за производниот процес и ќе покрива 20 проценти од трошокот. Целта на оваа мерка е да се намали потрошувачката на енергија од универзалниот снабдувач кој се снабдува од ЕСМ.

Прашан во врска со работата на МЕПСО, Бектеши рече дека во делот на членовите на Управниот одбор на МЕПСО, како членови на Владата ќе бараат одговорност во случај ако имало направено нешто спротивно на законот.

Но, ние не сме органи на прогон, не сме Обвинителство, ни судство. Ако целта е ние да се мешаме во Обвинителство, тогаш тоа е погрешно. Солгасно моите сознанија, доставени се сите документи во надлежните органи кои се независни и од Владата и од МЕПСО. Постои закон според кој постапува Обвинителството и инспекторатите. Ние како Влада можеме само да бараме одговорност ако е прекршен закон или е донесена одлука која не се совпаѓа со владините одлуки, рече Бектеши.

OhridNews