Адвокатот на Субрата Рој, првиот човек на „Сахара груп“, денеска пред Врховниот суд изјавил дека компанијата не може да депонира 10.000 крори или околу 2 милијарди долари како гаранција за кауција. Тоа значи дека Субрата ќе мора да остане во затвор до следното рочиште, закажано за 3 април, пренесува „Тајмс оф Индија“, пишува „Утрински весник“. Адвокатот пред највисокиот суд изјавил дека е невозможно да се депонираат 5.000 крори во готово и 5.000 крори во банкарски гаранции, како залог за негово ослободување.
Врховниот суд во средата соопшти дека главниот човек на групацијата „Сахара“ би можел да излезе од затворот „Тихар“, веднаш штом ќе плати 10.000 крори, од кои половина во готовина, кои ќе бидат депонирани во судот, а остатокот како банкарска гаранција за регулаторот СЕБИ, како дел од исплаќањето на 20.000 крори што им ги должи на инвеститорите или околу 4 милијарди долари.
Судиите го отфрлија последниот предлог на „Сахара“ за враќање на парите, кој значеше авансно плаќање на 2.500 крори, а остатокот на рати на отплата до 31 март следната година. Но посочија: „Ние сме подготвени да одобриме времена кауција на непочитувачите на одлуките на судот кои се притворени“.
Според индискиот весник, одлуката за давање предусловна привремена кауција не била дочекана со задоволство во „Сахара“. Високиот советник Сундарам веднаш побара од судиите да ја разгледаат можноста за донесување на готовинска компонента за авансно плаќање на 2.500 крори, но судиите одбија да направат отстапки и се изјаснија за отфрлање на новиот предлог. Судиите повторија дека Рој и уште двајцата други директори ќе бидат ослободени само со депонирање на привремена кауција од 10.000 крори.
OhridNews
извор: Утрински весник