Индискиот бизнисмен Субрата Рој во посебно опремена просторија во затворскиот комплекс „Тихар“ во Њу Делхи, вчера ги започнал преговорите за продажба на дел од неговите највредни и најпознати недвижности, луксузните хотелски комплекси кои ги вклучуваат „Плаза“ во Њујорк и „Гросвенор Хаус“ во Лондон, пишува Утрински весник.

Рој од продажбата треба да собере над 1,6 милијарди долари кауција за да излезе од затвор, каде што се наоѓа од пролетва годинава, затоа што не се појави на судското рочиште во процесот на индиското регулаторно тело СЕБИ, против неговата групација „Сахара“.

Во затворот за него била обезбедна посебна климатизирана просторија во која треба да ги прима заинтересираните купувачи на имотот, пренесуваат медиумите. Во неа ќе остане десет работни дена, колку што ќе траат преговорите. Како олеснување за да може да склучи зделка, на Рој му биле обезбедени два компјутера, два лаптопа, безжчиен интернет, два мобилни телефона и видео-конференциска врска.

„Конференциската сала на директорот на затворот беше преуредена за да се исполнат барањата на Врховниот суд и да му се обезбедат на Субрата Рој потребните услови за преговори“, изјавил Сушил Гупта, портпарол на затворот „Тихар“.

Субрата ќе остане во тие простории додека траат преговорите, а ќе му помагаат двајца директори од неговата групација, кои беа затворени заедно со него. За тоа време ќе му биде послужувана храна, а ќе може да користи и посебен тоалет.

Интерес за купување на луксузните хотелски комплекси на овој индиски бизнисмен наводно покажале повеќе светски милијардери, како султанот од Брунеи, кралското семејство од Катар и индискиот тајкун Сајрус Пунавала.

OhridNews

извор Утрински весник